Во Канада досега се регистрирани само три случаи од новиот коронавирус, но во земјата се јавија стравувања дека посериозно зголемување на бројот на заболени повторно би можело да доведе до негативен став кон Азијците, како што тоа беше случај во времето на епидемија од САРС, кога во регионот на Торонто, на почетокот на 2000-тите умреа десетина луѓе.
Повеќе од 9.000 луѓе потпишале петиција, барајќи од училишните одбори во една област да им забранат на децата чии членови на семејството неодамна се вратиле од Кина да посетуваат настава, додека пак некои продавници во кинескиот кварт во Торонто веќе бележат пад на продажбата, пренесува „Ројтерс“.
Регионалниот училишен одбор во областа Јорк реагирал на петицијата, при што се наведува дека ја разбира загриженоста на учениците и нивните семејства, но посочува дека секој може да го добие и пренесе вирусот.
Одборот предупреди дека ситуацијата може да прерасне во дискриминација врз основа на перцепција, стереотип и омраза.
Министеркaта за здравство, Пети Хајду, рече дека постои опасност Канаѓаните со кинеско потекло да се почувствуваат како да се мета поради потеклото на вирусот и дека тоа може да им наштети на нивните бизниси.
Ејми Го, привремен претседател на Националниот совет на Кинезите во Канада, вели дека ситуацијата е иста како во времето на епидемијата на САРС.
„Мора да внимаваме да не поттикнуваме ирационален страв и непотребна паника“, истакна Го.