Првиот случај на коронавирус е забележан и во Обединетите Арапски Емирати и тоа во семејство кое допатувало од Кина. Засега не е познато колку членови од семејството се заразени, пренесува „Ројтерс“, но се додава дека заболените се во стабилна состојба.
ОАЕ се составени од седум емирати, а мнозинство од населението живее во Абу Даби и Дубаи.
Според информациите на светските медиуми прв случај на коронавирус е пријавен и во Тибет, а полуавтономниот регион Хонгконг ја затвори границата кон Кина и го прекина железничкиот сообраќај.
Турција објави дека ќе евакуира 32 турски државјани од Вухан, градот каде првпат се појави коронавирусот, изјави турскиот амбасадор во Кина.
Досега тоа го сторија САД и Јапонија, додека Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Франција, Велика Британија и Индија имаат намера да го сторат истото наскоро.
Според најноите податоци, 132 лица починале од ефектите на новиот коронавирус во Кина, а повеќе од 6.056 лица се разболени.
Надвор од Кина, заболени се 70 лица во 19 држави, од кои најмалку пет во САД, пренесува Си-ен-ен.