Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска од Охрид најави засилени контроли на Охридското Езеро, со цел заштита на рибниот фонд.
– Во услови кога Охридското Езеро нема концесионер и е без заштита, Миинистерството за земјоделство преку Државниот инспекторат, заедно со Министерството за внатрешни работи да ги засилат контролите на терен, со цел заштита на ова природно богатство и рибниот фонд што дополнително е загрозен, рече Трипуновски.
Тој потсети дека минатата година не е спроведено порибување со подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка, а прашање е дали и оваа година ќе биде извршен вештачки мрест што, рече, дополнително го загрозува рибниот фонд.
– Со МВР изминатиот период имавме успешна соработка, но овој апел е со цел во иднина да се засили контролата не само во охридскиот туку и во струшкиот регион, за заштита на националното богатство до избор на нов концесионер, рече Трипуновски.
Изминатите неколку дена се фатени сторители на бесправен лов на риба од езерото и против нив се поднесени соодветни пријави.