Речиси 30 години по објавувањето на оскаровскиот „Форест Гамп” и незаборавните реплики како – „Животот е како бомбониера, никогаш не се знае што ќе извлечеш”, филмот сè уште предизвикува бури од емоции кај гледачите.
Научници од ИМТ школата за напредни истражувања во градот Лука, Италија, го искористиле овој факт како основа за научно-социјален експеримент. Се работи за еден вид „мапирање” на емоциите што филмот ги предизвикува.
Оваа мапа е наречена „емоционотопија”. Во истражувањето учествувале 15-на доброволци, кои имале задача да го гледаат „Форест Гамп”, да ги опишат своите чувства за секоја сцена и да ги оценат на скала од 1 до 100. Тие податоци потоа биле споредени со наодите од функционална магнетна резонанца (ФМРИ), на 15 други лица кои го гледале истиот филм во друга фаза од истражувањата.
Научниците тврдат дека откриле нови сознанија за десниот темпорален лобус – дел од мозокот каде што се јавуваат сложени и интензивни аспекти на нашите емоции. Тој дел, како што се наведува, се активира истиот миг кога се случува напливот на чувства.
Д-р Пјетро Пјетрини, коавтор на научниот труд, истакнува дека со овие мапирања, психијатријата се доближува и до други гранки на медицината, така што натамошните испитувања можат да придонесат за поефикасно лекување различни ментални состојби.
Заклучокот на истражувањето наведува дека со запознавање со интензитетот и квалитетот на нашите емоции, води кон подобро разбирање на процесите што доведуваат до сериозни нарушувања, како што се депресија и разни фобии.