Денешниот ксенофобичен испад на наш сограѓанин кон туристите во центарот на Скопје е срам за градот и земјата и е спротивност на сè што е Скопје – град на солидарноста, космополитизмот и заедништвото, напиша градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, кога на социјалните мрежи беше објавено видео од маж како навредува кинески туристи.
„Го нудам моето најдлабоко извинување во името на сите добронамерни скопјани. Во Скопје нема да толерираме вакво однесување. Ги повикувам надлежните да поведат истрага за овој инцидент бидејќи остава сериозна дамка врз угледот на градот и земјата. Драги скопјани, бидете гостопримливи, почестете ги овие туристи со насмевка и отворена душа ако ги сретнете низ градот. ‘Не’ на ксенофобијата и расизмот. Скопје – отворен град. Град за сите!!!“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.