Последниот извештај на Евробарометарот покажува дека граѓаните на Европската Унија на интернет највеќе стравуваат за злоупотреба на нивните лични податоци и онлајн плаќања.
46 отсто од анкетираните одговориле дека при користење на интернет најзагрижени се за злоупотребата на нивните лични податоци, а 41 отсто за безбедноста на онлајн плаќањата, овие бројки се слични со оние од последната анкета кон крајот на 2018. Гледано на подолг рок, од 2013, загриженоста на граѓаните за личните податоци е зголемена за шест процентни поени и го постигна своето највисоко ниво, покажува анкетата.
93 отсто од граѓаните преземале барем една индивидуална мерка за да се заштитат на интернет, а само четири отсто одговориле дека не се загрижени и ништо не преземале.
Од преземените мерки на прво место е инсталацијата на софтвер против вируси, околу третина од граѓаните посетуваат само веб сајтови кои ги познаат или користат само личен компјутер. 29 отсто од испитаниците рекле дека користат различни лозинки за различни сајтови, додека една четвртина од интернет корисниците во ЕУ рекле дека сега користат покомплексни лозинки отколку во минатото. 21 отсто редовно ги менуваат своите шифри.
Естонците, Холанѓаните и Швеѓаните се највнимателни кога станува збор за отворање електронска пошта, над две третини од граѓаните во овие земји не отвораат мејлови од непознати лица, додека најмалку внимаваат Италијанците, Шпанците и Полјаците.
Повеќето граѓани на ЕУ во просек одговориле дека сметаат дека се добро информирани за ризиците од сајбер криминалот, но бројките по земји драстично варираат, па така најинформирани се чувствуваат Данците, Холанѓаните, Швеѓаните и Британците, а најмалку информирани се чувствуваат Бугарите, Италијанците и Романците.
Загрижува податокот дека 77 отсто од анкетираните одговориле дека не се запознаени со официјален канал на комуникација за да пријават сајбер криминал.
На прашањето што би направиле ако сте жртва на криминал или злоупотреба на интернет, мнозинството во сите 28 земји членки одговориле дека би пријавиле во полиција.
Анкетата е спроведена во сите 28 земји членки помеѓу 8 и 22 октомври 2019, врз социјално и демографски репрезентативен примерок од 27607 граѓани на ЕУ во нивниот мајчин јазик. Интервјуата се одвивале во живо и се водени од страна на генералниот директорат за комуникација на Европската Комисија.