(Видео) Кинезите најавија болница за една недела, објектот наменет за заразените веќе се наѕира

Во Вухан во тек е изградбата на првата наменска болница за заболените од коронавирус, која почна да се наѕира по само четири дена работа.

Болницата со назив Хуошеншан се наоѓа во западното предградие на Вухан, град што е епицентар на новата епидемија од која починаа најмалку 130 лица, а заразени се повеќе од 6.000, пренесуваат светските медиуми.

Властите ангажираа четири градежни компании да комплетираат медицински центар на површина од шест хектари за рок од недела дена. Болницата во округот Каидјан би требало да има околу 1.000 кревети, а се очекува да ги прими првите пациенти на 3 февруари, јавуваат кинеските државни медиуми.

Кина гради најмалку четири болници за заразени од коронавирус за да го спречи ширењето на болеста опасна по живот.

Два проекта се изведуваат во Вухан, еден во блискиот град Хуанганг и еден во Џенџоу во централната кинеска провинција Хенан.

Снимките направени од терен со помош на дронови кои ги објави „Пиплс Дејли“ покажуваат камиони и багери кои работат со полно работно време на градилиштето.

Според претходниот извештај на државната телевизија, болницата Хуошеншан требаше да се состои од неколку привремени згради, но официјалните лица сè уште одлучуваат дали да користат готови компоненти или не.

Болницата се гради по моделот на привремениот медицински центар, кој беше изграден во Пекинг за седум дена за време на борбата против епидемијата на САРС во 2003 година.

Треба да знаете
Последни објави