Трофејниот тренер на кошаркарскиот НБА-лигаш Голден стејт вориорс, Стив Кер, не ја заобиколи хеликоптерската несреќа во која загина легендарниот Коби Брајант. Запрашан од новинарите дали ова е најголемата трагедија во историјата на НБА лигата, Кер кој има освоено како тренер три шампионски прстени со Голден стејт возврати:
– Мислам дека е. Подеднакво бевме шокирани кога дознавме дека Меџик Џонсон е ХИВ позитивен бидејќи во 1991 година мислевме дека има само уште една година живот. Фала му на Бог, Меџик е уште жив и има среќен и исполнет живот. Но, доколку зборуваме за оние кои повеќе не се меѓу нас, ваков шок и тага почувствувавме само уште еднаш, во 1993 година кога загина Дражен Петровиќ. Дражен беше голем кошаркар, а Коби е еден од најдобрите во историјата. И тогаш како и денеска, и за Дражен и за Коби, не можете да поверувате дека тоа се случи и нешто не ви дава да се помирите со ваквата трагедија – изјави Кер.
Кер како кошаркар освои пет шампионски титули, три со Чикаго булс и две со Сан Антонио спарс.