Владата на Пакистан одлучи да го затвори граничниот премин Торкам со Авганистан од безбедносни причини откако утрово кон него беа истрелани две минофрлачки гранати од авганистанската страна, пренесува „Спутник“.
Премиерот на Пакистан, Имран Кан, претходно одлучи да го задржи граничниот премин Торкам отворен 24/7 во обид да ги подобри трговските односи меѓу Авганистан и Пакистан.
„Две минофрлачки гранати беа истрелани кон Пакистан од авганистанската територија. По инцидентот, граничниот премин „Торкам“ беше затворен од безбедносни причини“, рече портпаролката на пакистанското МНР, Ајша Фаруки.
Министерството додаде дека нема извештаи за жртви и посочи дека проблемот се разгледува со авганистанските власти.
Торкам е главна гранична точка помеѓу двете држави и секој ден низ него поминуваат илјадници луѓе. Напнатоста меѓу Авганистан и Пакистан ескалираше по апсењето на неколку лидери на движењето Паштун Тахафуз (ПТМ), вклучувајќи го и Манзур Паштин, од страна на пакистанските сили. Апсењата предизвикаа гнев кај авганистанските политичари.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани во твит во понеделникот го повика Пакистан веднаш да ги ослободи лидерите.
„Разликите со ваквите мирни движења мора да се решат преку дијалог и ангажман“, рече Гани.
Министерството за надворешни работи на Пакистан ја оцени изјавата на претседателот на Авганистан како мешање во внатрешните работи на Пакистан.