Тачи побара од Борел да соработува со САД за дијалогот Приштина – Белград

Косовскиот претседател Хашим Тачи се сретна денеска со високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел, со кого, како што изјави, разговарал за европската иднина на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во врска со напорите за обновување на дијалогот со Србија за нормализацијата на односите меѓу двете земји, Тачи рече дека очекува од Брисел во тој правец да соработува со Соединетите Американски Држави.

– Разговаравме за можноста за постигнување конечен договор со Србија. Г. Борел има искуство во водењето политики и верувам дека со неговиот тим и државите членки ќе се заложи за транспарентен дијалог кој ќе ни донесе просперитетна иднина. Битно е г. Борел да биде поддржан од сите држави. Клучот на постигнувањето на конечниот договор е единството на ЕУ и соработката со САД. Очекувам од Брисел и Вашингтон интензивирање на напорите за успешно затворање на ова прашање, изјави Тачи по средбата со Борел.

Посетата на шефот на европската дипломатија косовскиот претседател ја оцени како „силна порака, која го покажува интересот на ЕУ за регионот”.

– Посетата е мошне добредојдена. Косово ќе работи силно за да биде дел од НАТО и ЕУ. Потребна е посветеност на сите страни инволвирани во процесот за да се воспостави мир во регионот, рече Тачи.

По престојот во Косово, каде што се предвидени средби и со лидерите на политичките партии и претставниците на немнозинските етнички заедници, Борел ќе отпатува за Белград, каде што ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со други државни и политички претставници.

Треба да знаете
Последни објави