Вашингтон секогаш бил и ќе остане клучен сојузник на Украина во заштита на суверенитетот, изјави денеска во Киев украинскиот претседател Влодимир Зеленски.
Тој на заедничка прес-конференција со американскиот државен секретар Мајк Помпео истакна дека Украина исклучително ги почитува напорите на претседателот на САД, Доналд Трамп.
– Во денешниот разговор изразив надеж дека САД преземаат поактивна улога во процесот на пронаоѓање мировно решение во источниот дел на Украина и во деокупирање на Крим, додаде Зеленски.
Тој изрази благодарност до Вашингтон што ја поттикнал соработката меѓу Украина и НАТО.
Според него, односите меѓу Киев и Вашингтон се силни и се темелат врз целосна доверба, разбирање и долгорочни заеднички интереси.
Зеленски му се заблагодари на Помпео и за воената помош, поздравувајќи ја поддршката на Вашингтон во реформата на украинските безбедносни сили.