Судијката Добрила Кацарска испрати писмо до Судскиот совет, во кое наведува дека по сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Рекет“ секојдневно се соочува со сè повеќе вербални напади од обвинети, нивните бранители како и од некои политичари. Таа вели дека во случајот „Рекет“ нејзиното име било злоупотребено со цел да се наруши нејзиниот интегритет, дигнитет и независност во постапувањето и дека е згрозена од изјавата на Стефанова дека таа ѝ вршела притисок. Судијката наведува дека нападите почнале откако почнала да ги суди предметите на СЈО.
„Во месец јануари 2018 година бев распоредена во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје каде што сеуште ја обавувам судиската функција. Со започнувањето на судењата по добиените предмети, а пред се откако започнав да ги судам предметите доставени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, секојдневно трпам вербални напади од обвинети, нивните бранители како и од некои политичари, дури се оди и дотаму да судството се нарекува според моето презиме ‘Кацарска судство’. Посебно овие напади зачестија откако беа донесени пресуди за неколку актуелни предмети. Сиот овој изминат период стоечки, достоинствено ги трпев сите тие критики, напади, но кулминација на се, е она што се случи на ден 27.01.2020 година во судница 1 во Основниот кривичен суд Скопје. Имено јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, Лиле Стефанова во својство на сведок во предметот со кодно име „Рекет“ во својот исказ меѓу останатото навела дека и се вршеле притисоци преку разни емисари, односно обвинители, судии, бизнисмени и политичари, а притоа го споменала моето име, наводно јас сум и вршела притисок, но не лично нејзе, туку наводно сум и пуштила некој колега обвинител, како што известија и сите присутни медиуми“, пишува Кацарска во писмото.
Таа наведува дека била згрозена од ваквата изјава и вели дека не е вистина дека вршела притисок врз Стефанова, ниту лично ниту преку нејзин колега.
„Бев згрозена од ваквата изјава, односно од нејзиното сведочење со оглед да се работи за целосна невистина бидејќи во ниту еден момент не само што нејзе не сум и се јавила, а најмалку пак сум и вршела притисок, туку апсолутно неточно е дека сум и пуштила некој нејзин колега обвинител. Која е причината за нејзиното вакво сведочење кое што е недолично за еден Јавен обвинител, тоа не би можела јас да го знам“, вели Кацарска.
Во делот на нејзините наводи дека јас сум „окапала“ во судот денот кога се одлучуваше за притворот на Јордан Камчев, додава Кацарска, истакнувам дека тоа беше работен ден, а јас секој работен ден од 08 часот сум на работа, а од месец јануари 2018-та година до месец јули 2019 – та година бев секој ден на работа од раните утрински часови па до доцна во ноќта, без оглед дали се работело за работни денови, празник или викенд, со оглед да и јавноста знае на кои предмети во тој период работев и кои пресуди се донесоа и во законски рок пресудите беа изготвени. За ова, вели Кацарска, може да посведочат вработените во судот, судската полиција и моите колеги судии, како и факт кој може да се утврди од безбедносните камери во судот.
„Со оглед да секогаш ја зборувам вистината и ништо не кријам, јас јавно пред целата македонска јавност кажав дека фамилијата Камчеви се наши фамилијарни пријатели, но таа моја искреност не смее да се злоупотребува од било кого, а посебно не од Јавен обвинител бидејќи шетните последици од изнесување на невистини доведуваат до нарушување на угледот на оној на кого се однесуваат, а имајќи во предвид дека ја извршувам функцијата судија, се нарушува и угледот на судиската функција воопшто, кое нешто во никој случај не сакам и не смеам да го дозволам“, наведува Кацарска во писмото.
Таа бара од Судскиот совет да ги утврди сите факти и јавноста да ја дознае целата вистина.
„Имајќи во предвид дека на ваков начин се нарушува мојот углед и достоинство, а воедно се нанесува и штета на функцијата судија, барам од вас како надлежен орган да ги утврдите сите факти и да ги прибавите сите докази за утврдување на фактичката состојба со цел јавноста да ја дознае правата вистина“, пишува Кацарска во писмото.