Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими европратениците Андреас Шидер, Илхан Кјучук и Марион Валсман, копретседавачи со „Жан Моне” дијалогот, којшто денеска и утре ќе се одржи во Собранието на Република Северна Македонија. На средбата присуствуваше и Шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.
Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека нашата држава високо ја цени постојаната принципиелна поддршка од Европскиот парламент и посветеноста во однос на процесот на проширување. Претседателот Пендаровски го истакна придонесот на европратеникот Кјучук, како постојан известител за Северна Македонија и на европратениците Шидер и Валсман, кои ја предводат Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, во функција на напредокот на државата во евроинтегративниот процес.
На средбата беа разменети мислења и информации за политичката состојба во државата, за тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата во Европската Унија, како и за актуелните политички состојби во Унијата.
На средбата заеднички беше констатирана важноста од позитивен исход на разговорите во рамките на „Жан Моне” дијалогот, помеѓу лидерите на парламентарните партии во државата.
Претседателот Пендаровски пред европратениците истакна дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија и го повтори очекувањето дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година. Истовремено, претседателот Пендаровски посочи дека се надева дека за време на хрватското претседателство ќе биде одреден датум за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ.