Судот на Европската Унија во Луксембург денеска се прогласи за ненадлежен во однос на словенечката тужба против Хрватска поради наводно повредување на европското право, предизвикано од неспроведувањето на арбитрежната одлука за границата.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека денешната пресуда на Судот на ЕУ за ненадлежност по однос на словенечката тужба претставува победа на хрватските аргументи изнесени во приговорот до таа институција.
– Поради тоа повторно ја повикувам Словенија на дијалог и билатерални преговори со цел да дојдеме до взаемно прифатливо и трајно решение за прашањето на границата, напиша Пленковиќ во следниот твит.
Со оваа одлука Судот го прифати хрватскиот приговор за ненадлежност и постапката автоматски запира. Одлуките на Судот на ЕУ се конечни и без право на жалба.
Словенија почна постапка против Хрватска врз основа на член 259 од Договорот за функционирање на ЕУ и побара Судот на ЕУ да утврди дали Хрватска ги прекршува членовите 2 и 4 од Договорот, кои се однесуваат на почитување на владеење на правото и лојална соработка меѓу државите членки на Унијата.
Хрватска поднесе приговор за ненадлежност бидејќи смета дека Судот на ЕУ не е надлежен да одлучува за барањата на Словенија во наведената постапка со оглед на тоа дека меѓу двете држави не станува збор за спор за примена и толкување на европското право, што би било во надлежност на Судот на ЕУ.