Хетер Кисум почнала да го преоблекува својот син, кој го зела од градинка, и на неговиот стомак ја забележала пораката „Мамо, немам веќе пелени“, која била напишана со маркер. Младата мајка на две деца била непријатно изненадена од начинот на комуникација на воспитувачката, која го чува нејзиниот син и објавила фотографија на „Фејсбук“.
„Дали сум во право што ова толку ме налути? Претерувам ли? Навистина ми треба ваше мислење затоа што ми е тешко сама да проценам, а толку сум лута што можам сешто да ѝ кажам на воспитувачката“, напишала таа во својата објава.
Кисум е самохрана мајка на две деца, која работи со полно работно време и вели дека нема време да го чита секој ден извештајот што го подготвуваат воспитувачките во градинка, а доколку се случи да доцни еден ден со пелени, не гледа зошто веднаш треба да се шара со маркер по телото на детето.
Таа рече дека се обидела да ја избрише засрамувачката порака со влажни марамчиња, но дури и по неколку бришења, пораката сепак била видлива, пренесува „Фокс њуз“.
„Тој ден планирав да ги одведам децата на плажа за да си играат, а сега не можам затоа што се срамам од оваа порака“, напиша таа.
Градинката на крајот ѝ се извинила за постапката на нивната вработена, на која потоа ѝ дале отказ.