Со одлука на грчката Влада, Грција го предлага Европскиот суд за човекови права за Нобеловата награда за мир во 2020, соопштија од грчкото МНР и додаваат дека иницијативата е резултат на координирани активности на владата под премиерот Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
-Грција особено ја цени работата на Европскиот суд за човекови права, кој е важна институција за заштита на човековите права и зачувување на меѓународната правда, признавајќи го широкиот придонес за консолидација и промовирање на светскиот мир. А фактот што нашата земја го презема следното претседателство на Комитетот на министри на Советот на Европа (мај-ноември 2020 година), кое како централна тема ќе го има одбележувањето на 70-годишнината од потпишувањето на Европската конвенција за човекови права, чие што спроведување го следи ЕСЧП е дополнителна причина за поднесување на овој предлог, соопштуваат од грчкото МНР.
Предлогот на Грција, до комитетот за Нобел, денеска го испратил алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис.
-По иницијатива на премиерот, Грција го предлага Европскиот суд за човекови права за Нобеловата награда за мир 2020. Пред малку го испратив писмото до Комитетот за Нобеловите награди, напиша Варвициотис на „Твитер”.