Откако газдата, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко повторно соопшти дека се повлекува од најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар, фудбалерите и стручниот штаб кои се на подготвки во Анталија најавија дека ќе ги спакуваат куферите и ќе се вратат во Скопје да си бараат чаре. Набрзо после ваквата првична реакција од Анталија преку социјалните мрежи денеска се огласи искусниот чувар на мрежата Филип Гачевски, да соопшти дека сепак играчите и стручниот штаб одлучиле да ги одработат до крај подготвките и да ги доиграат планираните контролни средби со босанскиот Борац Бања Лука и словенечката Мура за да не го резилат името на Вардар.
-Ние, играчите на Вардар соочени со проблемите решивме да ги одиграме и последните два натпревари од подготвителниот период, со цел да не се брука името Вардар. Се надеваме на позитивно решение за нашата иднина. Ова е официјално соопштение на сите играчи и стручниот штаб на Вардар – напиша Гачевски на социјалните мрежи.
Со соопштение за поддршка на фудбалерите и стручниот штаб денеска се огласи и навивачката група на Вардар, „Комити“. Раководството на „црвено-црните“ до недела очекува да има конкретен одговор дали грижата за клубпот ќе ја преземе Градот Скопје од кого Самсоненко го презеде во 2014 година.