– Само дијалогот гради мостови и на тој начин може да се дојде до одржливи решенија, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески по започнувањето на третиот дијалог во рамки на процесот Жан Моне што се одржува во Собранието.
– Ние денес ќе разговараме и за сите разлики што ги имаме за членовите на Деловникот почнувајќи од Конститутивната седница па понатаму. Мора да го почитуваме Уставот и уставното име без разлика дали некои пратеници гласале или не затоа што тоа е факт, затоа што ние под новото уставно име ќе го ратификуваме Протоколот за членство во НАТО и под тоа име ќе станеме 30-та членка на НАТО и под тоа име ќе ја исправат големата неправда која и беше нанесена на нашата држава односно ќе добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, изјави Митрески.
Според него, известувачот за земјава во ЕП Илхан Ќучук во воведното обраќање на состанокот кажал дека „покрај сите премрежија, на кој начин почна овој собраниски состав дека станавме пример во регинот којшто треба да се следи во смисла на функционирањето на Собранието”.
-Знаете дека донесовме закони кои беа проследени со дијалог, со разговор од сферата на безбедноста, правосудството, законот за антикорупција…Тие се примери за важни закони како треба низ дијалог да се носат, што значи поставувавме добра основа како треба да се движиме и понатаму. Заклучивме дека тоа што се случуваше во минатото, посебно кај Деловникот, знаете дека два пати беше променуван без опозиција, дури вториот пат кога опозоцијата беше надвор од Собранието, дека тоа не е начин на решавање, дека тој начин на решавање на проблемите не се одржливи и дека само низ дијалог може да најдеме заедниќки решенија кои ќе бидат одржливи, рече Митрески.
Третиот дијалог во рамки на „Жан Моне” процесот ќе заврши утре со прес-конференција на тројцата европратеници Илхан Ќучук, постојан известител за земјава во ЕП, Андреас Шидер, претседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, како и Марион Валсман, потпретседател на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет и претседателот на Собранието Талат Џафери.