Денеска, официјално почнуваат активностите за изведба на новиот парк во Карпош 4. Долж Кејот на реката Вардар, после Aлпинистичката карпа до бунарите на река Лепенец, ќе се простира нова зелена површина на површина од 60.000 метри квадратни. Градот Скопје ќе распише конкурс за избор на идејно решение за паркот, со цел во уредувањето на јавниот простор да биде вклучена и јавноста. На оваа локација биле одложени остатоци од скопскиот земјотрес (1963 година), а долги години претставуваше место кадешто се фрлаше градежен шут, се палеа огнови на отворено и се создавааа диви депонии. На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов зборуваа за деталите околу уредувањето на овој простор.
На овој начин, со уредувањето на делот од Алпинистичката карпа до бунарите на реката Лепенец, се добива нов зелен појас. Грдата децениска слика ќе биде заменета со ново зеленило кое редовно ќе се одржува, со ботаничка градина, како и содржини за рекреација на младите, на возрасните, односно за сите граѓани, рече Богоев.
Градоначалникот Шилегов истакна дека една по една, неуредените јавни површини се претвораат во паркови. Механизација ќе започне да работи на терен со рамнење на земјата за новиот зелен простор. Овој нов парк, по површина ќе биде колку шест паркови „Ибни Пајко“ (кај Македонска филхармонија). Ова е уште еден голем влог во заштитата на животната средина и во подобрувањето на амбиенталниот воздух.