Судењето за случајот „Рекет” продолжува на 6 февруари, откако на денешното рочиште беа презентирани материјални докази. Во судница денеска беа презентирани фотографии од предмети одземени од домот на Катица Јанева во Скопје и Гевгелија, во нејзината канцеларија во СЈО, како што се мобилни телефони, лап топ, два надворешни хард дискови, десет УСБ-а, фактури и белешки.
По завршувањето на рочиштето, адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска, рече дека денеска јавноста имала прилика да види дека торбата „Луј Витон” одземена при претресот кај Јанева не е истата со таа што ја споменува сведокот.
–Имавте прилика да видите дека не станува збор за истата торба. Другите одземени предмети се телефони и лап-топи, не е ништо значајно, рече Фрчковска.
За содржината на белешките одземени при претресот во домот на Јанева, на кои се гледа името на Бојан Јовановски и напишано “Дали има други снимки, по се изгледа не”, адвокатот Дељо Кадиев, рече дека и во судница реагирале зошто тие докази обвинителството пропуштило да им ги дад
– Ние тие докази ги немаме и ги побаравме. Треба да видиме за што се работи. Обвинителството пропуштило да ни ги даде. Тоа што е дадено е снимено на УСБ и се гледа, веројатно е пропус што судот сега ќе го исправи. Ќе видиме за што се работи. Од кого се пишувани и дали се некои белешки за свои луѓе, изјави Фрчковска.