Демократските менаџери (обвинители) на судот за отповикување на претседателот Доналд Трамп, и во текот на втората сесија прашања-одговори аргументираа пред сенаторите дека ако судот пресуди без сведоци тоа ќе биде нелегитимен суд и нема да биде прифатен од американскиот народ, јави дописникот на МИА.
– Ние сакаме фер и непристрасен суд. Во сите петнаесет случаи на судови за импичмент во историјата на Сенатот беа повикани сведоци, зошто тоа не може да биде случај и со овој суд, кажа законодавецот Џефрис Хаким, демократски менаџер на импичментот.
Упорноста на демократите да се повикаат сведоци на распит во Сенатот стана посилна, откако се појави информација за најавена промоција на книга напишана од Џон Болтон, советник на Трамп. Според извори запознаени со делови од книгата, продажбите започнуваат во март, Болтон раскажува како Трамп во разговор со него изјавил дека ја запира воената помош за Украина во замена за истрага на Киев за политичкиот ривал Џо Бајден, поранешен потпретседател и еден од фаворитите за претседателски кандидат од Демократската партија.
Болтон се смета за клучен сведок кој, ако биде повикан на распит, може да ја каже вистината за тоа што се случило, велат демократите. Републиканците пак, се против повик на сведоци и за брзо завршување на судската постапка.
Адам Шиф, главен менаџер (обвинител) на судот за отповикување на претседателот, предложи двете страни во текот на една недела да спроведат распити на сведоци зад затворени врати, а за тоа време Сенатот да се врати во нормален режим на работа.
Меѓутоа, нејасно е дали републиканците ќе го прифатат ова, бидејќи секое понатамошно сведочење од клучни поранешни и актуелни официјални лица од Администрацијата, може да нанесе политичка штета за Трамп, претседателски кандидат од Републиканската партија, намерен на резибор во ноември 2020 година.
Наместо тоа, адвокатскиот тим на претседателот се засили со уште поактивна заштита.
Друг момент кој се акцентираше во текот на завршните часови од синоќешната, втора и последна сесија, по што утре се пристапува кон гласање дали ќе се повикаат сведоци, е контроверзното правно толкување на адвокатот Алан Дершовиц за извршната моќ на претседателот, истакнато во првата сесија, дека „претседателот има право да бара услуги од странски сили за негов реизбор ако тоа се смета дека е во јавен интерес” на Америка.
Според обвинителството, доколку се прифати, „проблемот со ова толкување е дека секој иден претседател ќе може да користи странски корумпирани држави, како Русија или Венецуела, во полза на негов реизбор, што е еднакво на монархизација”, изјави Шиф.
При крајот на седницата, демократите уште еднаш потврдија дека суд без сведоци не е суд и дека се што бара заштитата, како распит на Бајденови или идентитетот на свиркачот кој го откри скандалот со притисокот врз Украина, не е релевантно.
-Ниту Бајден, ниту свиркачот, ниту досието на агентотот Стил, се релевантни. Релеватно е тоа дека политика што претседателот ја водел кон Украина била во негова лична корист, а за тоа се служел со корумпирани методи, изјави Џеролд Надлер, конгресмен демократ, и еден од менаџерите на импичментот.
Судот продолжува денеска со заклучните говори на обвинителите и заштитата, по што ќе се пристапи кон гласање дали треба да бидат повикани сведоци. Доколку тоа не се изгласа, Сенатот ќе пристапи кон гласање дали претседателот треба д биде оправдан и со тоа ослободен од обвииенијата за злоупотреба на власта и попречување на работата на Конгресот.
Мич Меконел, лидер на мнозинството во Сенатот, синоќа изјави дека има гласови да блокира повик на сведоци.
Ненси Пелоси, спикерката на Претставничкиот дом, пак, изјави дека без разлика на исходот од судењето, ако Сенатот не повика нови сведоци, или побара документи, оправдувањето на претседателот Трамп нема да биде легитимно.