Претседателот на Косово Хашим Тачи ја поздрави денешната одлука на Претседателството на Собранието за свикување пленарна седница на која ќе се гласа за составот на новата влада на предлог на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) и мандатар за премиер Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
На чествувањето во Приштина по повод 23-годишнината од загинувањето на тројца од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Захир Пајазити, Хакиф Зејнулаху и Едмонд Хоџа, Тачи порача дека на Косово му е потребно „стабилна, ефективна влада, која ќе ја почитува волјата на граѓаните и евроатлантската ориентација” на земјата.
Запрашан дали би поддржал техничка влада, косовскиот претседател рече дека тој ќе ги почитува неговите надлежности, додека „останува на политичкиот спектар да ги разгледа можностите за заеднички ангажирања”.
– Јас како претседател ќе ја почитувам рамката на моите уставни одговорности, а му останува на политичкиот спектар да ги преземе идните чекори. И иницијативата за одржување на седницата е во согласност со косовските закони и сметам дека е обмислен чекор од мандатарот и обврска која ја презеде откако беше мандатиран од моја страна. Му останува на политичкиот спектар да ги разгледа можностите за заеднички ангажирања, со цел што поскоро да добиеме влада, изјави Тачи.
Собраниската седница, свикана на барање на мандатарот Курти, ќе се одржи в понеделник, 3 февруари, со почеток во 11 часот.
Курти побара одржување на пленарна седница, на која ќе го предложи составот на неговиот кабинет, и покрај тоа што се уште нема постигнато договор за коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), и по три и пол месеци преговори од одржувањето на изборите.