Судот во Белгија ослободи тројца лекари обвинети за убиство со труење во случајот што се смета за клучен тест за белгиските закони за еутаназија.
– Ова е такво олеснување, рече психијатарот Лив Тиенпонт, еден од лекарите ослободен од обвинението.
Лекарите учествувале во еутаназија над 38-годишната ментално болна пациентка Тина Ниш, која почина во 2010 година.
Нејзиното семејство ги обвини лекарите дека еутаназијата не требала да се случи и дека менталната состојба на пациентката не била безнадежна, туку дека лекувањето било се уште можно.
Ниш имала психички проблеми подолг период и неколку пати се обидела да се самоубие.
Белгија е една од ретките земји што им овозможува на лекарите да усмртат пациенти на нивно барање и една од двете што дозволува еутаназија за лица со ментални заболувања.
Од околу 2.000 случаи на еутаназија годишно во Белгија, многу малку се дозволени во случај на психијатриско заболување.