Џафери: Пратениците да направат напори за приближување на ставовите за Деловникот

– Во Собранието на Република Северна Македонија попладнево започна третиот дијалог во рамки на процесот „Жан Моне” на кој учествуваат европратениците Илхан Ќучук, постојан известувач за земјава во ЕП, Андреас Шидер, претседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, како и Марион Валсман, потпретседател на Делегацијата на  Мешовитиот парламентарен комитет.

На средбата, на која во фокусот се измени на Деловникот за работа на Парламентот, присуствуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, тројцата парламентарни потпретседатели Горан Мисовски, Фросина Ташевска Ременски, Зекир Рамчиловиќ координаторите на пратеничките групи и пратеници од сите пратенички групи, како и евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Оваа средба всушност е продолжение на дискусијата за постигнување на усогласеност на ставовите за изготвување на што е можно поконсензуален Деловник за работата на Собранието.
На отворањето на средбата претседателот на Собранието Џафери побарал од пратениците од опозицијата и власта денеска и утре да направат напори колку што е можно повеќе да ги приближат или уште подобро, да ги усогласат ставовите околу ограничувањето на Конститутивната седница на два дена, календарот на Собранието, надзорните расправи, идејата за дво-третинско одобрување на закони
по скратена постапка, изборот на генералниот секретар, прашањето на промената на името на државата во Член 1, мнозинството за одземање на имунитет на пратеник и друго.
– Знам дека сте свесни дека се што правиме е во насока на подобрување на функционалноста на институцијата за последователно тоа се одрази и во реалниот живот на нашите граѓани. Секако, тоа е во прилог и на нашите напори за добивање на датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, рекол Џафери.
Претседателот на Собранието посочил дека иако поради скорото распуштање на Парламентот тајмингот на одржување на средбата можеби не е најдобар, не може да се занемари фактот дека се што ќе биде направено сега и во иднина, не е нешто што ќе важи само за еден мандат или само за еден пратенички состав. Тоа што сега се прави, според него, е поставување на цврсти темели на најзначајниот документ за функционирање на Собранието – Деловникот за тој да не биде кочничар на потребните реформи во општеството.
– Наша цел е да се зајакне улогата на Собранието, и убедени сме дека овој дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, туку и да ja предводи реформската агeнда, употребувајќи ja сета своја важна демократска легитимност, контролна и легислативнa надлежност затоа што се
познати нашите стратешки определби, односно членството во НАТО и ЕУ, а за тоа се потребни функционални институции, функционално Собрание, истакнал Џафери.
Потсети на донесувањето на Законот за Собрание чии што измени и дополнувања во делот за службата на Собранието, овозможуваат финансиска и административна независност, две од трите цели на речиси секој парламентарен состав од осамостојувањето па наваму. Најави дека набрзо ќе се отвори и Парламентарната буџетска канцеларија која ќе биде директна поддршка за финансиската независност на Собранието.
– Останува да се работи во насока на независност на обезбедувањето на Собранието, остануваме посветени да осигуриме нашиот консензус да биде уште попродуктивен и да донесе само подобрувања во
начинот на функционирање на Собранието, со најмала можност за злоупотреба на деловничките права во насока на попречување на работата.
Средбата започна попладневои и ќе продолжи и утре. Вечер тројцата европратеници ќе имаат работна вечера со лидерите на политичките партии СДСМ Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДПА Мендух Тачи, на ДУИ Али Ахмети, на АА Зијадин Села, на БЕСА Биљал Касами и на Алтернатива Африм Гаши.
Првите две средби во рамки на Жан Моне дијалогот се одржаа во Охрид и во Скопје со европратениците од минатиот состав на ЕП Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.
Треба да знаете
Последни објави