Министрите за финансии и поморство на Грција ја изразија политичката волја на владата и дадоа зелено светло Фондот за користење на државен имот (ТАИПЕД), надлежен за приватизациите, да продолжи со процедурата за објавување меѓународен повик за избор на инвеститори за 10 регионални пристаништа, соопштија од грчкото Министерство за финансии.
Планирано е да се приватизираат пристаништата во грчките градови Александруполи, Кавала, Волос, Игуменица и Патра, пристаништата Рафина. Лаврио и Елевсина што се во близина на Атина, како и едно на островот Крф и едно во Ираклио на Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
-На овој начин, секое пристаниште ќе стане стане столб на локалниот развој, со повеќекратни придобивки на ниво на инвестиции, создавање работни места и зголемено трговско движење на регионално ниво. Од големо значење ќе бидат и општите придобивки за Грција, како на економско ниво, со зголемување на јавните приходи, така и на геостратешко ниво, преку зголемување на меѓународната трговија преку нашата земја, соопштуваат од Министерството за финансии на Грција.