Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Брнс. На средбата се разговараше за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во НАТО и ЕУ, како и за прашањата што се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот. Исто така, стана збор и за глобални актуелни теми од значење на светскиот мир и благосостојбата.
На средбата е потврдено дека Северна Македонија и САД успешно го одржуваат и зајакнуваат воспоставеното стратешко партнерство во интерес на граѓаните на двете земји, како и во остварувањето на заедничките цели за демократски просперитет на регионот и во заедничките акции во борбата против тероризмот.
Жерновски во разговорот со амбасадорката Брнс изрази благодарност за ратификацијата на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во американскиот Сенат, што е од особена важност во заокружувањето на овој процес за полноправно членство на нашата земја во НАТО.
Амбасадорката Кејт Брнс на средбата го реафирмира јасниот став на САД дека тие остануваат посветен сојузник на Северна Македонија на патот до полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и на континуираните напори и политики на земјата да обезбеди одржливи услови за просперитетна иднина за граѓаните на Северна Македонија.