Кога и зошто СЗО прогласува вонредна состојба

Светската здравствена организација прогласува вонредна состојба опасна по јавното здравје на меѓународно ниво кога постои „вонреден случај” кој претставува ризик за јавното здравје за другите земји, преку ширење на болеста на глобално ниво, а сега таква одлука е донесена поради ширењето на коронавирусот.

Во вчерашното соопштение објавено на веб-страницата на СЗО, Комитетот за вонредни ситуации на СЗО предупреди дека до понатамошно ширење на случаите на коронавирусот може да дојде во која било земја.

Според меѓународните здравствени регулативи од 2005 година, државите имаат законска обврска веднаш да одговорат на прогласувањето вонредна ситуација опасна по јавното здравје на меѓународно ниво.

Вонредна состојба се прогласува поради вонреден случај кој потенцијално бара координиран меѓународен одговор во случај на „сериозна, ненадејна, невообичаена или неочекувана” ситуација, која има последици по јавното здравје вон границите на погодената земја и може да бара итна меѓународна акција.

СЗО досега прогласи ваква состојба пет пати, и вчера по шести пат поради новиот коронавирус.

СЗО првпат се одлучи на тој чекор во 2009 година кога вирусот H1N1, познат како „свински грип”, се прошири низ светот и од него починаа 200.000 луѓе, па вонредната состојба беше прогласена за да се обезбеди светот внимателно да го следи ширењето на вирусот и да реагира, меѓу другото, и со вакцини.

Иако светот во 2012 година беше поблиску од кога било до искоренувањето на случаи на заболени од детска парализа, бројот на заболените се зголеми во 2013 година, а во 2014 година беше прогласена вонредна состојба од страв дека борбата против болеста на глобално ниво може да се соочи со голема пречка.

СЗО прогласи вонредна здравствена состојба поради вирусот Зика во 2016 година, откако болеста брзо се прошири низ американскиот континент. Станува збор за вирус што може да биде опасен за бремени жени и вонредната ситуација беше прогласена за да се поттикнат итни истражувања.

СЗО поради еболата прогласи вонредна состојба во 2014 и 2019 година. Првпат беше во сила од август 2014 година до март 2016 година, откако беа регистрирани 30.000 заразени случаи, со 11.000 починати во западниот дел на Африка, а вторпат ситуацијата беше прогласена минатата година по ширењето на болеста во Демократскиот Република Конго, потсетува Би-Би-Си.

Прогласувањето вонредни здравствени состојби го објавува Комитетот за вонредни ситуации на СЗО, кој е составен од меѓународни експерти кои работат во согласност со меѓународните здравствени регулативи од 2005 година.

Поради тоа, Комитетот им препорача на сите држави да бидат подготвени за борба против вирусот, што, како што наведе, вклучува активен надзор, рано откривање, изолација, управување со случаи, следење на контакти, спречување на натамошно ширење на вирусот, како и споделување податоци со СЗО.

Во своите препораки до глобалната заедница, Комитетот потсетува дека станува збор за нов коронавирус и оти претходно се покажало дека слични случаи на коронавирусот барат значителни напори за да се овозможи редовна размена на информации и истражувања.

Тој затоа ја повика меѓународната заедница да продолжи да покажува солидарност и подготвеност за соработка со цел државите да си помагаат едни на други во откривањето на изворот на новиот вирус, неговиот целосен потенцијал за пренесување од човек на човек, како и да бидат подготвени за потенцијален „увоз” на нови случаи и да спроведуваат истражувања за потребниот третман.

Комитетот ја повикува меѓународната заедница да обезбеди поддршка и за неразвиените и средно развиените земји за да можат да одговорат на овој вирус, како и да го олесни пристапот до дијагностика, потенцијални вакцини и терапии.

Комитетот и порача на Кина да продолжи со примена на сеопфатна стратегија за комуникација за ризиците со цел редовно да го информира населението за еволуција на епидемијата, мерките за превенција и заштита, како и мерките што се преземаат за нејзино сузбивање.

Комитетот и препорача на Кина да ги зајакне рационалните мерки на јавното здравје со цел борба против епидемијата, да обезбеди отпорност на здравствениот систем и да ги заштити здравствените работници, да го подобри надзорот и активното откривање на случаи низ цела Кина, да соработува со СЗО и партнерите за спроведување истраги за да се сфати епидемиологијата и развојот на епидемијата и да се утврди кои се мерките за нејзино спречување.

Комитетот го поздрави раководството и политичката посветеност на највисоките нивоа на власт во Кина, нивната посветеност на транспарентноста и напорите што ги презедоа за спроведување истрага и контрола на епидемијата.

Треба да знаете
Последни објави