Негативни се резултатите на 60годишниот маж кој вчера беше примен во болница во Солун со симптоми на грип, а поради неговото неодамнешно патување во кинескиот град Вухан, беше вклучен алармот во Грција дека можеби е заразен со коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, утрово во солунската болница пристигнале резултатите од лабораториската анализа, кои биле негативни.
Мажот вчера бил примен во болницата „АХЕПА” во Солун, која што е една од 21те болници одредени од надлежните власти за прием на пациенти во случај на заразеност со коронависрусот.
60годишниот поради патувањето во Вухан, бил во карантин, се додека не се завршат анализите.
Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас за понеделник свика состанок на Националниот совет за јавно здравје во рамките на превентивните мерки и подготовките на земјата за справување со коронавирусот, доколку се појави случај во земјата.