-Имено, до Основното јавно обвинителство Скопје, од страна на двајца подносители-физички лица најпрвин беше поднесена кривична пријава против четири лица – поранешен министер за транспорт и врски, поранешен градоначалник, вработен во Министерството за транспорт и врски и државен правобранител. Подоцна беше поднесено и проширување на пријавата против уште едно лице – поранешен министер за транспорт и врски. Наведените кривични пријави се однесуваа на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата Никофон ДООЕЛ по пат на електронско јавно наддавање.
Проучувајќи ги наводите во пријавата кои се однесуваа на повеќе околности за кои требаше да се изврши проверка, надлежниот јавен обвинител презеде голем број дејствија со цел утврдување на битни факти и околности за пријавениот настан, особено затоа што кривичната пријава беше поднесена без да биде приложен ниту еден доказ како поткрепа на наводите.
Во таа насока беа испитани претставници на Општина Центар, претставник на Министерството за транспорт и врски, претставник на Државното правобранителство, претставник на банката од која бил земен кредит со залог на земјиштето, нотарот пред кој бил солемнизиран договорот, како и управителот на правното лице – купувач на земјишната парцела. Сите испитани лица беа задолжени да достават соодветна документација за поткрепа на изнесеното пред јавниот обвинител со цел да се утврди хронологијата и да се проучи постапувањето на пријавените во настанот.
Во текот на постапката, од Општина Центар беа доставени и нови поднесоци и обраќања до Јавното обвинителство во кои се наведуваше дека по преземањето на надлежноста за управување со градежното земјиште на подрачјето на општината биле констатирани повеќе нелогичности и било утврдено дека почетната цена за јавното наддавање била неправилно формирана, како и дека не бил земен предвид приговорот на вториот наддавач кој се жалел на дефект на интернет конекцијата за време на електронската аукција. Со оглед на тоа што поднесоците даваа дополнителни наводи и други околности во предметот, јавниот обвинител презеде и дополнителни истражни дејствија за утврдување на фактите, па испита и двајца претставници од Комисијата која го спровела елекронското јавно наддавање во врска со формирањето на почетната цена и со приговорите на останатите учесници.
Во исто време, јавниот обвинител се обрати и до Министерството за транспорт и врски и побара разјаснување на начинот на кој била формирана почетната цена на земјиштето, а во два наврати беше испитан и актуелниот градоначалник на Општина Центар.
Врз основа на сите прибавени докази и утврдени факти и околности, надлежниот јавен обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените не се содржани битните елементи на пријавеното кривично дело, ниту пак на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност.
Во поглед на неисполнување на договорниот рок од страна на купувачот – фирмата Никофон ДООЕЛ да прибави одобрение за градба на предметниот објект во рок од 9 месеци од извршената солемнизација, јавниот обвинител оцени дека станува збор за настанат спор во врска со неисполнети договорни обврски за кои единствено во граѓанска постапка може да се утврдува дали рокот не бил испочитуван по вина на купувачот. Јавниот обвинител не може да супституира договорна страна и да даде оценка во врска со овој факт, бидејќи не се работи за императивна законска норма која е прекршена, а особено затоа што во самиот договор постојат и други одредби со кои се предвидува можност за пролонгирање на роковите.
Доколку купувачот не извршил солемнизација на Договорот во рок од 30 дена по неговото склучување, договорот предвидува заштита на отуѓувачот на земјиштето преку еднострано раскинување, при што 20% од вкупно постигнатата цена на земјиштето на електронското наддавање не му се враќаат на купувачот. Од прибавените докази во предметот недвосмислено се утврди дека ниту Министерството за транспорт и врски ниту Општина Центар, која ја презела надлежноста за градежното земјиште, не презеле дејствија за еднострано раскинување на договорот.
Исто така, неспорно се утврди дека почетната цена на јавното наддавање била заснована врз тогаш важечките прописи, односно врз важечката Уредба за висината на цената на градежното земјиште во сопственот на РМ и висината на посебните трошоци за спроведување на постапката. Предмет на оценка беше и околноста како е спроведена постапката на јавното наддавање, при што се утврди дека сите законски и подзаконски предуслови за електронското јавно наддавање биле исполнети. Неизбраниот понудувач не презел никакви дејствија за поништување на јавното наддавање доколку сметал дека постоеле причини за тоа, ниту побарал управна заштита или инспекциска проверка на спроведената постапка.
Исто така, јавниот обвинител предвид го имаше и фактот дека од склучувањето на договорот до денес на раководната позиција во Министерството за транспорт и врски се смениле повеќе министри, а во непреземањето на дејствија за едностран раскин на договорот не може да се извлече заклучок дека постојат елементи на кривично дело кај кое било од лицата кои ја извршувале таа функција. Имено, дали се настапени условите за еднострано раскинување на договорот зависи од договорната волја на отуѓувачот на земјиштето, како и од основаноста и правниот интерес за преземање на такви дејствија во случај на спор околу неисполнетост на договорните обврски по вина на купувачот.
Решението за отфрлање на кривичната пријава е доставено до Општина Центар, а оштетениот има право на жалба пред Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена по приемот.