Тренерот на трофејниот англиски фудбалски премиерлигаш Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер изјави дека не очекува клубот да прави повеќе трансфери до крај на преодниот рок. „Црвените ѓаволи” го ангажираа Бруно Фернандеш од Спортинг и се разделија со Ешли Јанг, кој се пресели во Интер, и Маркос Рохо, кој беше исратен во „Естудијантес” во Аргентина.
Клубот сè уште бара напаѓач. Од Борнемут признаа дека има интерес за Џошуа Кинг, а според медиумите во Англија, понудата на играчот била одбиена.
Стратегот на Јунајтед призна дека понекогаш неговите изјави се разликуваат од она што се случува после нив. Норвежанецот објави дека Ешли Јанг и Маркос Рохо нема да заминат во јануари, а двајцата веќе го напуштија „Олд Трафорд”.
– Мислам дека нема да направиме други трансфери. Понекогаш кажувам нешто, но нешто друго се случува. Не сакам да ги засилувам шпекулациите. Не очекувам нешто да се случи, но тоа не значи дека не може да се случи, рече Солскјаер.
Тој додаде дека јануари секогаш е тежок месец, но дека е среќен со играчите што ги има.