Зградата е со вкупно 48 станбени единици, а рокот на изградба е 18 месеци. Таа е наменета за лица од социјален ризик согласно Законот за социјална заштита.
“Почнавме со изградба на нова социјална зграда со вкупно 48 станови, со која верувам дека ќе овозможиме пристоен дом на социјално ранливите лица на кои станбеното прашање им е најголем проблем.
Планираме и побрзо да биде изградена зградата, за да може што побрзо да бидат распределени на лица кои согласно законот им следува тоа. За овие две и пол години направивме пресвртница, го вративме достоинството на граѓаните со социјални мерки за извлекување на илјадници наши граѓани од зоната на сиромаштијата”, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Тој потенцираше дека отпочната е изградба на 36 станови и во Виница, исто така за социјално ранливи категории, а континуирано тече изгардбата на социјалните згради и во Пробиштип и во Неготино.
Директорот на АД за станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски истакна дека се работи на постапката за јавни набавки за уште седум социјални згради.
“Во следниот период очекувам да се започне зградата во Виница и во Бутел и најдоцна до петти месец да пуштиме јавна набавка за уште седум згради, така да во период од година или година и пол ќе започнеме со изградба на вкупно 13 згради”, изјави Кристијан Трајковски, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката.
Градоначалникот на Свети Николе додаде дека после триесетина години за прв пат се гради зграда со ваква намена.