Косовскиот премиер во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај изјави дека неговата партија нема да гласа за владата што ќе ја предложи мандатарот и лидер на Движењето Самоопределување Албин Курти на собраниската седница закажана за таа цел за в понеделник, 3 февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.
На чествувањето пред споменикот на херојот на Косово, Захир Пајазити во центарот на Приштина, по повод 23-годишнината од неговото загинување, Харадинај рече дека неговата партија ќе остане во опозиција, како што одлучи веднаш по објавувањето на резултатите од вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври.
Тој нагласи дека ААК „не е дел од некој политички договор” и воедно изрази сомнежи во однос на функционалноста на евентуална малцинска влада.
– Секако дека се закажа (собраниската седница за гласање за влада), затоа што истекува и законскиот рок, 3 февруари е последниот ден. ААК не е дел од некој политички договор и ние нема да ја гласаме таа влада. Не знам дали воопшто ќе има малцинска влада и како таа би функционирала, изјави Харадинај.
Мандатарот Курти побара одржување на пленарна седница, на која ќе го предложи составот на неговиот кабинет, и покрај тоа што се уште нема постигнато договор за коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), и по три и пол месеци преговори од одржувањето на изборите.