(Видео) Велика Британија ја напушти ЕУ. Џонсон: Тоа не е крај, туку почеток, нова ера

Велика Британија ја напушти Европската унија – 47 години откако стана членка и 1.317 денови по референдумот. Знамиња на таа држава веќе нема на европските институции.

За премиерот Борис Џонсон тоа значи „промена” и „зора на нова ера”. Тој сака да ја обедини државата по годините на поделби поради брегзит.

– Ова не е крај, туку почеток, нагласи конзервативниот лидер во своето обраќање пред нацијата вечерва во 11 часот по средноевропско време, на еден час пред историското напуштање на Велика Британија – првата земја што ја напушта Унијата.

– Ова е време кога … се крева завеса пред нов  чин, се наведува во делови од вечерашниот говор што го објави Кабинетот на Џонсон.

– Ова е момент на вистинско национално обновување и промена.

Џонсон исто така сака да ги остави зад себе поделбите што ги разединуваат Британците по референдумот во 2016 година, на кој 52 процента гласаа за Брегзит.

– Нашата работа во Владата – мојата работа – е да ја обединиме земјата и да ја поведеме напред.

Премиерот  ќе го слави брегзит во Сандерленд на министерска седница со која ќе претседава. Во тој град на североисток на Англија, кој на референдумот за 2016 година прв гласаше за брегзит со 61 процент – е најголемата автомобилска фабрика на јапонскиот производител Нисан во Европа.

Патот до брегзит ги чинеше кариерите на двајцата премиери – Дејвид Камерон и Тереза Меј, осум министри и десет пати повеќе пратеници.

Владата во Лондон верува дека моментот ќе помине достоинствено, без триумфализам, со црвени, бели и сини светла кои ќе ги осветлат зградите на владините институции и часовник проектиран на зградата на резиденцијата на премиерот што ќе ги одбројува последните минути.

Големиот заговорник на брегзит, Најџел Фараж, планира малку побучна прослава со песни и говори, а своите приврзаници ќе ги собере пред Парламентот.

Жителите на Лондон  гласаа да останат во ЕУ и за градоначалникот Садик Кан главниот град секогаш ќе остане „вистински светски, европски град”.

– Ќе продолжиме да бидеме светилник на напредни идеи, на либерални вредности, рече Кан.

Треба да знаете
Последни објави