– Некои пратенички групи веќе доставија амандмани за законот за јавно обвинителство, а некои замолија за дополнително време за да ги формулираат заради обврските што ги имаат со Жан Моне дијалогот, информираат за МИА од Министерството за правда.
Заради доверба на процесот, како што наведуваат, нема да откриваат кои пратенички групи доставиле амандмани.
Пратеничките групи требаше да достават амандмани денеска до 12 часот, по што, како што инфорираше вчера министерката за правда Рената Дескоска, ќе се закаже нова средба на работната група за законот, најверојатно в понеделник.
На вчерашната втора средба на работната група во поширок формат со претставници на политичките партии и пратеничките групи од Собранието се разговараше за амандманите за подобрување на законскиот текст по дводневната експертска јавна расправа за законот.
Дескоска по средбата информираше дека одредени пратенички групи веќе доставиле амандмани, дел ќе достават амандмани во текот на денов, како и дека дел не сакале да преземат одговорност да подготват амандмани.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера го повикаа Министерството за правда да организира средба со правните експерти кои дале забелешки на јавната расправа и заедно со нив да направат амандмани на предлог-законот.