– Бараме и ги повикуваме бугарските граѓани да не патуваат во Кина, истакна бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој денеска свика итна седница во врска со мерките за спречување и ширење на коронавирусот во Бугарија.
Борисов нареди на аеродромите веднаш да се постават термокамери, како и внимателно да се следат кинеските државјани кои биле во својата земја за Нова година и сега се враќаат во Бугарија.
– Ризиците се огромни. Не можеме да му забраниме на никој да оди таму, но во наредните неколку недели, и додека не најдат вакцина за овој вирус, мора да има највисоко ниво на контролни мерки, рече Борисов.
На вонредната средба на Министерскиот совет присуствуваат вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, министерот за здравство Кирил Ананиев и министерот за внатрешни работи Младен Маринов.
Во текот на денешниот ден во Бугарија се очекува да пристигнат евакуираните бугарски државјани, кои беа блокирани во кинескиот град Вухан. Тие веднаш ќе бидат пренесени во Военомедицинската академија, каде ќе останат под медицински надзор.
Досега бројот на починати од коронавирусот достигна 259 луѓе, а речиси 12.000 лица се заразени низ светот.