– Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека Берлин преку Брисел ќе води главен збор во решавањето на косовското прашање, бидејќи за специјален пратеник на ЕУ во Косово ќе биде назначено лице со голема германска поддршка, јави дописникот на МИА од Белград.
– Мислам дека веќе знам кој ќе биде претставник на ЕУ за дијалогот (Белград и Приштина) и веројатно за Босна и Херцеговина. Ќе биде некој кој има голема поддршка од Берлин и кој има влијание во Берлин. Без разлика која е таа личност, Берлин преку Брисел фактички ќе го води главниот збор, што нема да биде лесно за нас. И ќе биде многу, многу тешко, кажа Вучиќ за ТВ Прва.
Говорејќи за високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеф Борел, кој вчера го посети Белград и кој го најави назначувањето на посредник на ЕУ во дијалогот, Вучиќ рече дека е „добар човек кој ги разбира политичките погледи и потреби на Србија”, наспроти „оние кои мислат дека е нормално и е прашање на моментот кога Србија ќе ја признае независноста на Косово”.
Вучиќ пренесе дека на Борел во Приштина му кажале дека во понеделник ќе биде формирана новата косовска влада, додавајќи дека тој тоа „го слушнал многу пати”.
– Бог не знае кога ќе се формира влада во Приштина, а камоли Жозеф Борел. Постои опасност ако (лидерот на Самоопределување) Албин Курти сака да ги понижи Србите и Српска листа и за министер да избере свој „приватен Србин”. Тоа би значело крај на секој нормален и рационален разговор со Курти и неговата потенцијална влада, рече Вучиќ при посетата на манастирот Хопово на Фрушка Гора.