Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против косовски државјанин за кој постои основано сомнение дека сторил кривично дело -неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 31 јануари, во просториите на Казнено-поправната установа “Идризово” во Скопје, при редовна посета на осудено лице, неовластено заради пренесување држел наркотична дрога – кокаин со нето маса од 89,96 грама.
При влезот во установата, осомничениот на затворскиот полициски службеник му предал пакет наменет за осуденото лице, во кој имало и една јакна. По извршениот претрес на пакетот, во внатрешниот џеб од јакната, во најлонско пакување обвиткано со селотејп, била пронајдена наркотичната дрога – кокаин.
Надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје му предложи да определи мерка притвор за осомничениот поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и можност да го повтори кривичното дело. Судијата го прифати предлогот и на осомниченото лице му определи притвор во траење од 30 дена.