– Американскиот Сенат синоќа гласаше против повикување на сведоци во судската постапка за импичмент на претседателот Доналд Трамп, и нема да бара отварање на нови документи од Белата куќа, барања на кои инсистираа демократите.
Од 100-члениот Горен дом на Конгресот на САД, „за” гласаа 49 сенатори, од кои 45 демократи, двајца независни и двајца републиканци, додека „против” беа 51 републиканец.
Седницата за импичментот на Трамп синоќа се распушти се до понеделник, кога во 11 часот по американско време е закажана финалната сесија на дискусии на обвинителите и заштитата. Во вторник во 11 часот ќе почне сесијата обраќања на сенаторите, додека гласањето за тоа дали Трамп ќе биде оправдан или не е закажано за в среда во 16 часот.
Најверојатниот исход од повеќемесечната сага со импичментот и судењето на Трамп ќе биде негово оправдување, бидејќи да се прогласи за виновен и да се разреши од функција потребни се 62 гласа.
Демократите го осудија гласањето за сведоците, судската постапка во нивно отсуство ја окарактеризираа како „фарса”, и дека оправдувањето на Трамп со тоа би било бесмислено.
Републканците, пак, се задоволни, бидејќи крајот на жолчните расправи околу импичментот значи фокусирање кон други животно важни проблеми на Американците, како достап до лекарства кои се добиваат само со рецепти, подобрување на инфраструктурата или здравствена заштита.
Одлуката да не се повикаат сведоци доаѓа на два дена пред првото гласање на Демократската партија за избор на претседателски кандидат, кое се одржува во Ајова.
Додека за вторник, денот кога сенаторите ќе ги дадат заклучните дискусии по повод судската постапка за импичмент на Трамп, закажано е традиционалното годишно обраќање на претседателот за состојбата на нацијата.