Предлог-законот за култура којшто од следната работна недела треба да се најде пред пратениците, воопшто не ги исполнува методолошките и номотехничките стандарди за изработка на прописи од ваков тип, изјави Зоран Љутков.
Според него, правните празнини и недоречености во него отвораат можност за мноштво проблеми во неговото спроведување, односно за негово толкување, што отвора простор за арбитрирање на власта во процесот на толкување и примена на едно вакво законско решение кое ја регулира клучна идентитетска област на една современа држава.
„Целосното бришење и ништење на националниот и државниот интерес во културата е без преседан во законодавствата на европските и современите демократии. Без општ консензус во дефинирањето на државниот, националниот и јавниот интерес, ваков закон уште на самиот почеток е неодржлив“, рече Љутков.
Според него, се наметнува впечатокот дека со ваков закон власта се обидува да ја „ослободи“ државата од бројни важни и репрезентативни национални установи, препуштајќи ги на локалните самоуправи – без неопходна и издржана анализа, без соодветна стратегија и методологија, без диференција на установите и нивната државна, регионална и локална важност.
„Истовремено, Предлог-законот ги укинува и националните пензии на врвни репрезентативи на македонската култура, со дрско образложение дека тие не придонесуваат за развој на културата, сметајќи ги за ставка трошок во државниот буџет“, рече тој.