Треба само малку повеќе да се чита и да се развива културен дијалог, а не политички караници. Политичарите може да се расправаат уште 200 години, а од тоа нема добивка, напротив губат граѓаните. Политичарите печалат на сметка на граѓаните, а граѓаните губат од неодговорни политичари, порача бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов за време на престојот во Битола, а во контекст на македонско-бугарските преговори и спорот за револуционерот Гоце Делчев.
Според Каракачанов добро е што двете држави го слават Гоце Делчев, го почитуваат и двете држави имаат споменици од него.
– Треба решение за проблемот на тема Гоце Делчев бидејќи историјата е јасна, а и самиот Гоце Делчев напишал што е и кој е и затоа нема смисла да се спори. Државата Македонија и државата Бугарија, односно двете држави го почитуваат, двете држави имаат споменици на Гоце Делчев. И за да не спориме, најдобро е да прочитаме што тој сам напишал, вели Каракачанов.
Прашан за тоа дали книгите со воено-историска тематика помагаат за подобро разбирање, бугарскиот министер одговори дека фактите овозможуваат решавање на проблемите.
Красимир Каракачанов, вицепремиер и министер за одбрана во Владата на Република Бугарија, на покана на битолското здружение „Иван Михајлов” ги промовираше книгите за полковникот Дрангов, кој бил роден во Скопје и ден денес се изучува во бугарската воена академија како најпопуларен бугарски офицер од времето на Балканските и Првата светска војна, потоа книгата за академик Ѓорги Марков и книга за Тодор Александров.