Мицкоски од Радовиш: Сликата е поразителна, Македонија осма во светот по одлив на мозоци

Интегрален текст од изјавата на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

-Денешната изјава би ја започнал со една за жал неславна констатација која што е поврзана со една поранешна изјава која што Зоран Заев ја даде поврзана со терминот brain drain или одлив на мозоци, кој што за жал тогаш ја употреби во една поинаква смисла дека ги проклатил главите како што тој кажуваше.

Но, за жал денешната слика е поразителна и гледаме дека Македонија е лидер практично во регионот по одлив на мозоци, односно одлив на квалификуван кадар од нашата држава. И тоа е еден навистина катастрофален податок во низата катастрофални податоци кои што во последно време ми пристигнуваат од реномирани светски институции.

Денеска сум овде во Радовиш да поразговарам токму на оваа тема бидејќи и Радовиш како општина и стопанствениците се погодени од иселувањето, од одливот на квалификувана работна сила и практично неможноста таа квалификувана сила бргу да биде заменета со нова квалификувана сила. Така што навистина поразителна е ситуацијата и во државата, но и овде во општина Радовиш.

Разговаравме овде и во компанијата “Алфа инженеринг”, една од поуспешните компании на ниво на општина Радовиш, разговаравме со сопственикот околу реалната економска состојба, околу можностите кои идната влада на ВМРО-ДПМНЕ може да му помогне на стопанството, побаравме негови идеи и размисли, негови проекти кои што цениме дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ би можела да ги имплементира.

Продолжуваме во текот на денот да се состануваме и со други стопанственици овде во општина Радовиш, со превозниците исто така ќе имаме средба, се разбира со сограѓани, со активистите на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Општинскиот комитет, а утре продолжуваме во друга општина овдека во југоисточниот регион.

Прашање новинар: Господине Мицкоски да ни кажете дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги достави амандманите за Законот за Јавно обвинителство и дали има поместување во овој дел и дали ќе има некоја средба меѓу пратеничките групи за овој закон?

Одговор: Суштински треба да се гледа проблемот, а за суштината на проблемот ја изнесоа практично експертите кои што за време на дводневната јавна дебата во рамките на Парламентот кажаа што мисли фелата, што мисли експертската јавност, како треба еден реформски закон да изгледа и што не е во согласност со Уставот. Ниту Зоран Заев, ниту Рената Дескоска се секунданти, ниту пак  луѓе кои што поднесуваат ултиматуми , ниту пак ние сме луѓе кои што ултиматуми прифаќаат, така што сите оние експертски забелешки кои што можеше да ги слушне министерката Дескоска, господинот Зоран Заев можат едноставно преку институциите кои што ги владеат а тоа е предлагачот во случајот Министерството за правда да ги преточат во амандмани во содржина на законско решение и истото тоа да го поднесат во рамките на процедурите  на Парламентот. И ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржиме. Нашиот став е јасен, гласен и прецизен, а тоа е дека ќе поддржиме се она кое што го кажаа експертите.   Не можеме ние политичарите да бидеме поголеми експерти  од експертите кои што практично го посветиле својот живот на оваа проблематика. Тие има јасни недвосмислени ставови, нека ги инкорпорира предлагачот во рамките  на новиот Предлог-закон за Јавно обвинителство и ние како пратеничка група ќе го поддржиме. Нека излезат од матрицата на теснопартиски интереси, нека излезат од матрицата на тоа како да го заштитат криминалот во овие три години откако ќе бидат поразени на 12 април. Нека работат барем еднаш во интерес на граѓаните и во интерес на општиот интерес на државата и нека го напуштат сопствениот интерес и интересот на слугите кои што се околу нив. Ние сме тука да соработуваме и доколку така постапат, истото тоа да го поддржиме.

Прашање, новинар: Рековте дека овде имате средба со бизнисмени од Радовиш, каква е нивната првична оценка, каква е бизнис климата кај нас во државата за сопствен бизнис?

Одговор: Токму тоа и го зборувавме. Состојбата е навистина алармантна, односно од месец во месец се влошува и покрај оние реторики од принципот „блескаме“ и слично. Еве и последните податоци од Заводот за статистика се такви дека имаме пад во индустриското производство, рекорден пад од 5,9 проценти. Информациите и навигацијата кои што ги добиваме, а тоа и јас го зборував на прес конференции  дека четвртиот квартал ќе биде очаен во смисла на раст на БДП ќе се движи помеѓу 0 и 2 проценти, што ќе имплицира и неисполнување на целта која што беше на почетокот на годината на растот на БДП. Кога во услови европската економија оди нагоре, гледаме дека има намалување и на бројот на вработени во индустријата, сето тоа има негативни ефекти врз реалниот сектор, врз бизнисот. Тоа се генерално забелешките на стопанствениците, се присутната корупција која што беше нотирана од Транспаренси Интернешнл, се присутниот криминал, рекетирање, уцени, закани, притисоци, посебно во овој регион луѓето се подложни на притисоци од страна на фамилијата. Така што една навистина лоша слика. Но, среќа е што се одбројуваат деновите кога на оваа лоша слика ќе и дојде крај. Имаме уште нешто помалку од 70тина дена до 12 април, денот кога ќе победи мудроста на граѓаните и Обновата на Македонија.

 

 

 

                                             

Треба да знаете
Последни објави