– Манчестер Јунајтед привлече напаѓач во последен момент пред да се затвори зимскиот преоден рок. „Црвените ѓаволи” ги обезбедија услугите на Одион Игало, кој до крајот на сезоната ќе дојде во клубот на изнајмување со опција за откуп. 30-годишниот Нигериец, кој е во сопственост на Шангај Шенхуа, сè уште е во Кина, но се очекува да пристигне во Англија во наредните денови.
Игало има искуство во Премиер Лигата, каде играше за Ватфорд од 2014-2017 година и постигна 39 голови на 99 натпревари. Потоа замина во Чанчун Јатаи во Кина, а подоцна се пресели во Шангај Шенхуа, каде има 10 гола на 19 натпревари од почетокот на сезоната.
Напаѓачот, исто така, остави силен впечаток кај репрезентацијата на Нигерија. Тој беше најдобар стрелец за „суперорлите” за време на квалификациите за Африканскиот куп со 7 гола. Потоа, тој постигна 5 гола за време на завршниот турнир летово.
И Тотенхем беше заинтересиран за Игало, но самиот играч избра да премине на „Олд Трафорд”. Ова е прв играч кој доаѓа на заем кај „црвените ѓаволи” од 2014 година, кога на тој начин беше ангажиран Радамел Фалкао. Нигериецот ќе мора да ја пополни дупката во нападот на Јунајтед по повредата на Маркус Рашфорд.