Детектор анкета: Секој петти работник во Македонија бил жртва на мобинг

Секој петти работник во Македонија бил жртва на мобинг на работното место, покажува
најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје.
Според него, 21,5% од анкетираните велат дека или тие, или некој нивни близок бил жртва на
мобинг од страна на претпоставениот на работно место, додека 71,8% немале ваков проблем.
Генерално, граѓаните сметаат дека условите на нивното работно место се безбедни за нивното
здравје и живот. Ваков став делат 44,3% од анкетираните. Небезбедно на работното место се
чувствуваат само 10% од граѓаните. 19% одговориле дека не се вработени а 20,1% дека се во
пензија.
Според граѓаните најризична професија имаат рударите. Вака мислат 33% од анкетираните. 20,6%
се определиле за работниците во градежништвото кои според нив имаат најризична работа.
18,6% сметаат дека најризично по здравјето и животот на работниците е во хемиската индустрија,
а 15,4% во метало-преработувачката индустрија.
44,8% од анкетираните велат дека познаваат некој кој се разболел или повредил на работното
место, додека 47,6% го тврдат спротивното.
Само 22,4% од граѓаните сметаат дека оние кои ќе се повредат на работното место добиваат и
соодветно обесштетување, додека 49% од анкетираните се на ставот дека лицата кои се
повредуваат на работните места не добиваат соодветна оштета.
Близу половина од граѓаните се на став дека фирмите кои не и исполнуваат условите за заштита
при работа не добиваат соодветна санкција. Вакво мислење имаат 47,1% од анкетираните, додека
25,8% мислат дека казнувањето е соодветно. 27,1% немаат одговор на ова прашање.
58,5% од анкетираните велат дека не знаат каде може да се обратат доколку бидат повредени
нивните права за заштита при работа, додека 27,8% велат дека знаат што треба да направат во
таква ситуација.
10% од нив велат дека во таков случај би се обратиле до Министерството за труд и социјала, 4,7%
во трудова инспекција, 2,2% би го известиле синдикатот, 1 1,4% министерството за здравство.
Сепак, дури 52,7% од граѓаните велат дека синдикатите не ги бранат правата на работниците за
заштита при работа, додека 32,8% сметаат дека во таква ситуација синдикатот добро ја врши
својата работа.
64,5% од граѓаните велат дека за нив е многу значајно да се реши проблемот со стандардите за
заштита при работа, додека само 3,5% од анкетираните велат дека за нив, тоа воопшто не е
значајно.
43,9% од анкетираните сметаат дека со влезот на Македонија во Европската Унија, полесно ќе се
надмине проблемот со стандардите за заштита при работа, додека само 12,9% сметаат дека тоа ќе
оди потешко. 26,7% од анкетираните сметаат дека членството во ЕУ нема да направи некој
разлика.
Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за
политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот
од 8 до 11 јануари годинава со маргина на грешка од плус-минус 3%.

Треба да знаете
Последни објави