Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) и мандатар за нов премиер на Косово, Албин Курти најави одржување референдум во неговата партија за усвојување на договорот за формирање заедничка влада со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција со лидерот на ЛДК Иса Мустафа, по потпишувањето на договорот за коалиција, Курти изјави дека подготовките за внатрепартискиот референдум се веќе започнати.
– Работите започнаа за референдумот во Самоопределување, додека ЛДК ќе го изнесе договорот на Генералното собрание на партијата. Така е предвидено со статутите на нашите два субјекта, изјави Курти.
Според податоците на ВВ, околу 40 илјади членови на партијата ќе го дадат својот глас за или против тоа Курти да биде премиер според договорот постигнат денеска со ЛДК.
Референдумот ќе заврши во текот на денешниот ден, за да може утре лидерот на ВВ пред Собранието на Косово да го изнесе својот предлог за составот на новата влада.
Курти и Мустафа денеска објавија дека конечно, речиси четири месеци по вонредните парламентарни избори оджани на 6 октомври минатата година, постигнаа договор за коалиција, според кој идната влада предводена од лидерот на ВВ ќе има 15 министри и 33 заменици министри.



