Боне: Париз би можел да ги деблокира пристапните преговори со ЕУ на С. Македонија и Албанија

Советникот на францускиот претседател, Клемент Боне, изјави дека Париз би можел да се повлече од блокирањето на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

Боне кој е советник на Емануел Макрон за европски прашања, во интервју за германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг изјави:

-Откако Велика Британија ја напушти ЕУ, Франција сака се повеќе да се фокусира на Истокот. По Брегзит, поважно е, од кога и да е, да се надминат разликите внатре во ЕУ и да се фокусираме на она што нè зближува, кажа Боне во интервјуто кое го пренесе Танјуг.

Тој додаде дека тоа ќе се случи веднаш штом ЕУ се согласи за планот за проширување.

-Ќе одбиеме да ги третираме Република Северна Македонија и Албанија одделно. Тоа би било противно на нашата желба да се зајакне стабилноста во регионот, кажа Боне.

Треба да знаете
Последни објави