Соединетите држави по појавата на коронавирусот, наместо да овозможат здравствена поддршка, презеле акции за ширење паника и страв меѓу населението, обвини денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
САД беа првата земја што предложи делумно повлекување на персоналот на својата амбасада и беше прва што воведе ограничувања за патувањето на кинеските туристи, изјави портпаролката на министерството Хуа Чунјинг.
„Сè што направија само придонесе за создавање и ширење страв, а тоа е лош пример“, рече Хуа на брифингот.
На 28 јануари, Соединетите држави започнаа со евакуација на американските државјани од централниот кинески град Вухан, каде се верува дека вирусот за прв пат се појави кон крајот на минатата година.
На 30 јануари, Светската здравствена организација (СЗО) појавата на епидемија ја прогласи за глобална здравствена криза.
Истиот ден, американскиот Стејт департмент издаде предупредување за американските граѓани да не патуваат во Кина.
Многу земји ги евакуираа своите граѓани од Кина, дел ги прекинаа летовите, а Русија објави дека го прекинува и железничкиот сообраќај кон Кина.
Сепак, руските власти денеска одлучија земјата да обезбеди хуманитарна помош за Кина во борба против вирусот.
Ова беше соопштено по состанокот на рускиот премиер Михаил Мишустин со замениците премиери.
„Руските региони се подготвени, здравствените установи имаат залихи со заштитна облека и облека за дезинфекција“, рече вицепремиерката Татјана Голикова која додаде дека документот за одлуката веќе е подготвен.
Бројот на загинати од вирусот се искачи на 361, со што е надминат бројот на лица кои починаа од смртоносниот вирус САРС.