Лидерот на Алијансата ново Косово (АКР) и досегашен министер за надворешни работи Беџет Пацоли изјави дека неговата партија во Собранието произлезено од октомвриските парламентарни избори ќе биде конструктивна опозиција, а денеска ќе гласа за Владата што ја предложи мандатарот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во текот на собраниската расправа за предлогот на Курти, како лидер на партијата која победи на изборите на 6 октомври, Движењето Самоопределување (ВВ), Пацоли рече дека неговата партија ќе гласа за новата Влада, меѓутоа ќе дејствува од опозиција.
– Јас и моите луѓе никогаш нема да ја напуштиме собраниската сала – кога ќе се гласа за некое битно прашање ние ќе бидеме тука. Јас ќе гласам за вас. Да гледаме кон иднината, да не се враќаме во минатото. Јас сум и ќе останам дел од опозицијата. Секоја точка од вашата програма ќе биде аналаизирана од моја страна, ќе ве соочувам со вашите промашувања, ако има потреба од такво нешто. Сум бил и останувам конструктивен се додека не заврши процесот на изградба на косовската држава, изјави Пацоли.
Во десетината обраќања на опозициските пратеници со критики на досегашното однесување на Курти, меѓу другото, беше споменато дека тој долги години како опозиционер не ја признаваше косовската држава, нејзината химна и знаме и дека ги критикуваше другите партии зошто соработуваат со Српската листа, а сега самиот го прави тоа. Повеќето од говорниците го обвинија за непринципиелност и демагогија, забележувајќи му дека не го одржал предизборното ветување дека неговиот кабинет нема да има повеќе од 12 министерства, а сега предложи 15.
Нешто пред 15 часот, потпретседателката на Собранието Арберие Нагавци, која ја води седницата по повлекувањето на досегашниот спикер Глаук Коњуфца, кој е предложен за нов шеф на косовската дипломатија, даде едночасовна пауза. Таа информира дека за збор во продолжение на седницата се пријавени уште 13 пратеници од редовите на опозицијата.
Курти на денешната седница го предложи составот на неговиот иден кабинет, кој ќе има 15 министерства и двајца вицепремиери. По шест од министерства се доделени на ВВ и на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), две ќе ги води најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, а едно групата „Г-6″ на другите немнозински етнички заедници. и