Итно мора да ги прилагодиме законите, подзаконските акти и прописите во градежниот сектор и уште денес да почнеме да работиме на имплементирање на еврокодовите. Ако ова не го направиме, половина од нашите институти, факултети и компании ќе бидат нефункционални при влезот во ЕУ, предупредуваат експертите.
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, 2020-та се очекува да биде година на уште поголем раст во градежништвото, на раздвижување на градежната оператива и на стабилизирање на пазарот. Предвидувањата се дека градежните материјали и натаму ќе поскапуваат, а за цените на становите нема прогнози поради изборите. Со доближувањето кон ЕУ, уште повеќе ќе се развие и интензивира градежниот циклус на патната инфраструктура.
И натаму меѓу клучните проблеми во секторот се недостигот на кадар и потребата од поголема флексибилност кога станува збор за работниците.
-Континуитетот на поскапувањето на градежните материјали веќе трае и се очекува да биде во нагорна линија ако се земат предвид анализите на соседните пазари и податокот дека со приближувањето кон ЕУ ќе се бара висок квалитет и висока одговорност. Нашите градби се квалитетни и според признаени стандарди, но има други прописи и правила кои во материјалите диригираат специфичности кои се бараат во ЕУ, истакна претседателот на Здружението за градежништво при Комората, Андреа Серафимовски.
Тој посебно се осврна на потребата од усвојување на еврокодовите за кои, рече, науката сама се мачи, со сопствени сили и средства.
– Алармантна е ситуацијата со донесувањето на еврокодовите за кои едукацијата трае три години. Затоа државата мора да реагира, без нејзина поддршка нема ништо да направиме, потенцира Серафимовски и додаде дека не треба во пет до дванаесет да препишеме туѓи критериуми како што е случај со други сектори.
Професорката и претседател на Друштвото на градежни конструктори, Мери Цветковска објасни дека единствена причина за воведување на еврокодовите е да се изедначиме во критериумите за проектирање на објектите со цела Европа.
– Досегашните прописи не беа неквалитетни. Целта е да може проектант од Германија, на пример, кога ќе дојде во Македонија да биде компатибилен, односно да може да врши проектирање доколку само му ги понудиме нашите национални анекси. Разликата ќе биде само во националните анекси, напомена Цветковска.
На прес-конференцијата беше речено и дека стручноста на домашните експерти не е доволно искористена во однос на креирањето на законската регулатива. Законите за градба и за урбанистичко планирање не се донесени, но Законот за градежни материјали е донесен иако има проблем со имплементацијата.
Засега, според Здрижението за градажништво, цената на становите се движи околу 1.000 евра за метар квадратен во Општина Центар, а во сите други општини становите се поевтини. Зачудува податокот што изнајмувањето деловни простории во Битола се зголемува.
– Иселувањето на граѓаните во странство влиаје многу врз работата на градежните компании. Годинава, како приоритет, со Министерството за труд, ќе ни биде законот за работни односи од аспект на поголема флексибилност и плаќање на секоја прекувремена работа на градежниците, истакна Серафимовски.
Минатата, 2019-та, е карактеризирана како година на нормализирање на градежниот сектор. Според последните статистички податоците, во првите три квартали од 2019 година, за разлика од 2018-та, забележан е раст од 5,63 отсто. Од јануари до ноември се издадени 2.660 одобренија за градба што е шест проценти раст.
Здружението пред прес-конференцијата потпиша Меморандум за соработка со Друштвото на градежни конструктори, Здружението за патишта и Здружението за големи брани.