Дваесет и четиригодишниот Британец Конор Рид, наставник по англиски јазик од Велс, се заразил со смртоносниот коронавирус во Вухан пред околу два месеци, но тврди дека се излекувал пиејќи виски со мед.
Рид, кој во Кина живее последните три години, а во Вухан последните шест месеци, отишол во болницата во Универзитетот на Централна Кина, поради отежнато дишење и силно кашлање.
„Користев инхалатор кој ми ја ублажи кашлицата и пиев варено виски со мед се додека имав. Тоа е стар лек, но изгледа заврши работа. Не сакав да пијам антибиотици, кои ми ги препишаа лекарите, бидејќи не сакав да користам фармасевтски средства“ објаснил тој за „Сан“.
Две недели откако бил пуштен од болница, дознал дека бил заразен со коронавирусот. Тој додаде дека британското министерство за надворешни работи делувало „незаинтересирано“ кога им рекол за инфекцијата.
„Упорно прашуваа дали сакам место во авионот за да ја напуштам земјата, но јас одговорив дека не сакам, дека ќе останам. Јас сум жив доказ дека коронавирусот може да се победи“ порача Рид.
Тој вели дека во супермаркетите во Вухан почнало да недостига намирници, а во аптеките лекови и маски.
Според најновите податоци, во Кина досега починале 361, а во последните 24 часа забележани се уште 2.829 нови заразени случаи, што значи дека вкупно ги има 17.205.