– Делегацијата на ЕУ во БиХ денеска соопшти дека властите на Босна и Херцеговина треба да обезбедат локалните избори да се спроведат во согласност со европските стандарди, како приоритет во исполнувањето на 14 клучни обврски од Мислењето на Европската комисија по барањето на земјата за членство во Унијата.
– Очекуваме локалните избори годинава да се одржат непречено, вклучувајќи го и Мостар, како и подобрувања на демократските процеси и изборните стандарди, соопшти Делегацијата на ЕУ во БиХ.
Во изјавата се вели дека шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер и шефовите на мисиите на ЕУ во БиХ денеска разговарале за ова со членовите на Претседателството на БиХ.
– ЕУ и понатаму истакнува дека на БиХ и се потребни конкретни економски реформи за да ја направи економијата поподготвена за Европа. Ние сме подготвени да ги поддржиме властите на БиХ во сите реформи што ги преземаат за да ја унапредат модернизацијата на земјата и нејзината способност да ги преземе обврските за членство во ЕУ, се додава во документот.
Делегацијата на ЕУ во БиХ исто така нагласи дека пред мајскиот самит ЕУ-Западен Балкан во Загреб, властите на БиХ треба да ја искористат можноста и да ја покажат својата подготвеност да „го подобрат животот на граѓаните и да направат вистински напори за помирување и надминување на наследството од минатото, како неизбежен дел од процесот на пристапување во ЕУ.
– Успехот во овој потфат е важен и за Босна и Херцеговина и за цела Европа, се вели во соопштението.